Го славиме Петровден, еден од најголемите празници по Велигден што секоја година се одбележува на 12 јули.
Празникот е посветен на Апостол Петар, а именден празнуваат сите кои го носат неговото име: Петар, Петре, Петра, Петруна, Петранка…
Петровден повеќе се смета за црковен празник. Постарите луѓе одат во црквата, а кој го практикувал Петровденскиот пост се причестува. На овој ден може и да се работи зашто е во време на најголемата жетва, а според верувањето дури и светецот (Св. Петар) тој ден земал срп и жнеел. Некој го држат празник само до пладне, а попладне работат.
Во Галичник Петровден се сметал за голем празник, тогаш иделе печалбарите и тогаш се правеле и свадбите. Останало забележано дека некогаш во еден ден имало 50 свадби, а удирањето на тапаните се слушало дури во Албанија. Еден од најзначајните настани на Петровден е токму почетокот на традиционалната Галичка свадба.
Интересни обичаи и верувања поврзани со Петровден се забележани во Куманово. Тој ден рано наутро уште пред сонце, мештаните оделе во бавчите и нивите, особено оние со бостан и од сите четири страни фрлале ситни камчиња. На тој начин според верувањето засновано на принципот на имитативната магија се влијае врз бостанот многу да врзува и брзо да расте. Исто така бостанот, но и другите култури се прскале со вода од извор за да растат силно како водата што извира.
Во овие петровденски верувања интересно е и фрлањето измет од стоката врз бавчите и нивите со земјоделски култури. Изметот земен од местото каде што стоката пладнувала или од пазарот се верува ќе влијае врз родот да биде густ и обилен како што била стоката на тоа место. Во сиве овие верувања, како што може да се види присутна е имитативната магија верувањето дека сличното предизвикува слично.
Во Гевгелиско за јадење на овој ден правеле млечник за да биде цела година блага како млекото, а во Скопска Црна Гора се верувало дека кој ќе се омрси во Петровденските пости ќе се скрастави.
Во овој крај ако било сушно времето на овој ден носеле крсти (литии) и со песната „Крсти носам бога молам“ се молеле за дожд.
Можеби ќе ве интересира: