Основниот кривичен суд Скопје денеска ја изрече пресудата за едно од најбруталните злосторства во поновата историја на Македонија – грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, извршени во ноември 2023 година.
Судот изрече доживотен затвор за Љупчо Палевски – Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев. Сите се членови на политичкото движење на Палевски – “Десна”. Манев и Видевски се од Велес, а Кешишев е од Штип. Сите беа прогласени за виновни за киднапирање и двојно убиство.
Петтообвинетиот во предметот, Александар Ѓорчевски – татко на Вања, беше ослободен од обвинението за соучесништво. Судот одлучи трошоците за неговото судење да бидат на товар на државата.
Судијата Ивица Стефановски, кој ја изрече пресудата, ги упати семејствата на жртвите да покренат граѓанска постапка доколку сакаат да бараат отштета.
Обвинителството побара четворицата осудени да останат во притвор до правосилноста на пресудата, а за Ѓорчевски – продолжување на куќниот притвор додека не стане правосилна одлуката. Обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Димитровска истакнаа дека за монструозноста на делото нема олеснителни околности.
„Сите обвинети се во зрела возраст, родители се, и сакале да бидат политички фактор. Но одземање живот на дете не се толерира. Јавниот обвинител бара доживотен затвор за сите четворица,“ рече обвинителката Стојковиќ Димитровска во завршните зборови.
Одбраната побара ослободителни пресуди за сите обвинети.
Судењето траеше 10 месеци, со речиси 40 рочишта. Процесот беше особено тежок и емотивен, особено кога беа изнесувани деталите од последните часови на Вања Ѓорчевска, опишани и од обвинителките и од самите обвинети.
Одлуката не е правосилна, а странките имаат право на жалба пред повисокиот суд.