Сè повеќе луѓе во светот и кај нас живеат сами. Повеќегенерацискитe семејства, кои во Македонија до неодамна беа чести, сега стануваат сè поретки. Стилот на живот е променет, а променета е и психологијата на луѓето, вели психологот и психотерапевт Лидија Зорба. Сето тоа се одразува врз животот на децата, а застрашувачко е тоа што може да влијае и врз нивното подоцнежно функционирање, пренесува порталот deca.mk.
„Денес децата многу ретко си играат пред зграда и сè повеќе време минуваат сами дома, пред компјутер со видеоигри и виртуелни пријатели. Личните контакти и дружењето се префрлуваат на телефоните, на „Скајп“, разговорите (дури и оние сериозните) се водат преку СМС-пораки. Наместо лични средби, се праќаат снимки и фотографии. Така разговараат пријателите, роднините, сопружниците, родителите со децата, наставниците со учениците… Ваквата состојба значително придонесува кон тоа луѓето постепено да ги губат комуникациските вештини и потребата за комуникација да ја остваруваат преку интернет“ – вели Зорба.
За компјутери се експерти, но не знаат да комуницираат
Навидум ова е добро, но во суштина, објаснува психологот, овој начин на комуникација сериозно го афектира менталното здравје на луѓето и понекогаш придонесува за појава на психолошки нарушувања, дури и сериозни состојби кои бараат професионална помош.
„Повеќето деца во градовите имаат свои соби, компјутер, телевизор и речиси сè што им е потребно за да не чувствуваат потреба да бидат со други деца, туку сами да се занимаваат во нивните соби. Ова не само што ги лишува од учење на социјалните вештини и развивање на говорот, туку ги лишува и од физичка активност и од учење и развивање на невербалната комуникација на која отпаѓа поголемиот дел од комуникацијата помеѓу луѓето. Ваквите деца за кусо време стануваат експерти за компјутери, но затоа многу од нив едвај знаат да комуницираат на поинаков начин“ – вели Зорба.
Градинка и школо – голем стрес
Ако ваквиот начин на живот потрае, тогаш тоа се претвора во стил на живот во четири ѕида и детето се чувствува многу непријатно ако треба да излезе од дома, да биде со други деца или луѓе.
„Ситуацијата е уште полоша ако детето не се чувствува прифатено и безбедно со своите родители – објаснува психологот.
Заминувањето во градинка или училиште за ваквите деца е голем стрес. Одеднаш од една за нив безбедна средина тие влегуваат во нова, за која не се подготвени и немаат доволно социјални вештини за да се справат со барањата на околината. Ова може да ги доведе до повлекување во себе и самоизолација или, пак, до улога на „жртвено јагне“ ако децата се подбиваат со нив или ги задеваат на друг начин. Ако, згора на тоа, наставниците и родителите не преземат ништо за да му помогнат на детето да се социјализира, детето почнува да се чувствува осамено и да страда“, потенцира Зорба.
Кога родителите одбираат друштво и бараат да биде најдобро
Еден од начините на кои родителите придонесуваат нивното дете да стане осамено е кога се премногу селективни и не му дозволуваат да си игра и да се дружи со децата со кои тоа сака да се дружи.
“Во вакви ситуации детето може да се повлече во себе, да стане пасивно или, пак, бунтовно и агресивно, но во суштина осамено. За осаменост придонесуваат и барањата на родителите детето да биде најдобро во училиштето, да има најдобри оценки и постигнувања, поради што е принудено постојано да учи само во собата, да посетува разни обуки, часови и да нема време за дружење, за игра и забава – вели нашата соговорничка. Овие деца може да постигнат врвни резултати во учењето или нешто друго, но затоа нема да имаат доволно пријатели и социјални вештини што се неопходни за животот. Затоа е важно децата уште од најрана возраст да бидат во присуство на други луѓе, да се разговара со нив, да бидат со своите врсници, да учат низ игра и забава, да се социјализираат и со животните, да научат да зборуваат за себе и да слушаат. Само на ваков начин тие може оптимално да ги развијат социјалните вештини и да се вклучат во општествениот живот со чувство дека се прифатени и со потенцијал да прифаќаат“ – објаснува Зорка.
Израснуваат со чувство на осаменост и неприфатеност
Децата кои поради различни причини (дисфункционални семејства, селење од едно место во друго, менување на училиште, болест и сл.) долго време се чувствуваат осамено и неприфатено, израснуваат со тоа чувство. Нивното емоционално созревање е забавено поради недостиг на социјални вештини.
“Иако честопати тие може да покажуваат подобри резултати од своите врсници во образованието или во професијата, чувството на осаменост може да ги спречи да живеат исполнет живот, да се чувствуваат сигурно во комуникацијата со другите луѓе, да најдат партнер/ка, пријатели и сл. Понекогаш осамените луѓе може да бидат опкружени со многу луѓе, со пријатели, роднини, колеги и други, но да се чувствуваат неприфатено или, пак, да не ја прифаќаат околината. Ваквата осаменост е прикриена и навидум не може да се забележи. Многу луѓе што се чувствуваат неприфатено од страна на родителите, партнерот или средината во која живеат не се сами, но се чувствуваат осамено. Тоа не значи дека задолжително другите луѓе се непријателски расположени или незаинтересирани“, вели Зорба.
Кога една личност долго време се чувствува осамено, вообичено тоа чувство е поврзано со неа лично и добро е да поразговара со блиските и пријателите или со професионалец.
„Чувството на осаменост најчесто е поврзано со чувствата на неприфатеност, неадекватност, загуба, тага, лутина или страв од емоционално поврзување со други луѓе. Долготрајното чувство на осаменост обично води кон појава на депресивни симптоми“ – додава Зорба.
Извор: deca.mk
Moжеби ќе ве интересира: