Македонскиот долгометражен филм „Стела“, кој освои големо внимание на меѓународната сцена, сега ќе биде дел од образовните програми во Шведска. Ова признание е од исклучителна важност за македонската кинематографија, бидејќи филмот ќе се користи како средство за учење на македонскиот јазик и за запознавање со културата и природата на Македонија.
Филмот „Стела“ е избран како едукативна алатка во шведските образовни центри заради неговиот визуелен и емоционален карактер, кој го прави наставниот процес побогат и повпечатлив. Иницијатори на проекот се професорките по македонски јазик Павлина Велјаноска и Тереза Шалевска-Мирчева. Професорката Велјаноска.
„Стела“ е првата македонска зелена продукција, создадена во копродукција помеѓу „Дрим фектори“ (Македонија), „Акција продукција“ (Србија) и „Моуна“ (Германија), со поддршка од Агенцијата за филм на Македонија, Филмскиот центар на Србија и Филмскиот фонд на Баден Вуртемберг во Германија. Режисер на филмот е Стојан Вујичиќ, а продуцент е Огнен Антов.
Во огромната филмска екипа која работеше на овој филм, се наоѓаа и двајца велешани, без кои, филмот немаше да изгледа така, како што го замислил режисерот Стојан Вујичиќ. Монтажата на филмот ја потпишува Данчо Стефков, човек кој долги години е присутен во филмската индустрија во земјава. Тој е автор или ко-автор на многу документарни и играни филмови, како „Македонска Миланска скала“, поетскиот филм „Елегија за тебе“, истражувачкиот документарец „Гробот на Панко Брашнаров“, играно-документарниот филм „Последниот Македонец“ и уште многу други, а пред „Стела“, работеше и на играниот филм „Дедо и внук“. Стефков е сопственик на „Тулип продукција“, која, пак се потпишува на бројни музички и комерцијални фимови.
Еден од главните ликови во „Стела“ е истоименото куче – шарпланинец, кое е сврзувачкото ткиво на разделеното семејство од филмот. За да ги „одигра“ сцените така како што режисерот Вујичиќ замислил, за Стела беше задолжен дресерот, сега веќе покојниот велешанец Ристе Гиовски.