Општина Велес преку Центарот за развој на Вардарскиот плански регион доби поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа за реализација на проектот „Инклузивен туризам – рекреативни содржини и услуги за еднаков пристап до туристичката атракција Езеро Младост“.
Проектот кој го подготви Општина Велес во соработка со Центарот за развој на Вардарскиот плански регион е поддржан со финансиски средства во висина од околу 9 милони денари и треба да се реализира до мај 2021 година.
Проектот кој пред јавноста го презентираше градоначалникот Аце Коцевски предвидува уредување и опремување на инклузивно игралиште со две тактилни патеки и реквизити соодветни за користење од страна на деца и лица со попреченост и од страна на посетителите од земјата и од странство.
Парцелата за уредување на игралиштето е лоцирана веднаш до парцелата на постојниот еко-камп на чие уредување се работи во рамките на проектот СМАРТ езеро Младост финансиран од ЕУ и управуван од проектната единица на ПРЛК.
Со оваа активност ќе се подобрат условите за рекреација во околината на езерото на децата и лицата со попречености од Вардарскиот плански регион.
Како што нагласи Коцевски додадена вредност на проектот е новата уредена плажа со пристап за лица со попреченост за што општината годинава инвестираше 200.000 денари.
Со овој значаен проект, децата и лицата со попречености ќе добијат можност со помош на специјализирани реквизити и соодветна инфраструктура да уживаат во нови, атрактивни содржини за забава и рекреација и да се дружат со своите врсници покрај езерото.
Ова е еден од ретките проекти во државата за инклузивен развој на туризмот.
Можеби ќе ве интересира: