ИНТЕРВЈУ Јованче Манасков: Никогаш нема да бидам дел од ваков Борец!

Јованче Манасков е име кое во одбојката во Македонија е добро познато. Како млад играч, беше дел од силниот Борец, кој на почетокот на 80-тите од минатиот век играше значајна улога во југословенската одбојка. Тука го стекна неопходното искуство во силни натпревари, играјќи против тогашните гиганти на југословенската одбојка. По осамостојувањето на Македонија, беше дел и од сениорската репрезентација на новата држава, а покрај настапите во Борец, Работнички, Вардар и некои други македонски клубови, има и меѓународно искуство како интрнационалец.

По завршувањето на кариерата, Манасков влезе во тренерските води, но по неколку години работа, се повлече од одбојката, за пред една година повторно да се врати на чело на женскиот тим на Јанта Волеј и со оваа екипа да ја освои двојната круна.

Zito akcija 640x289px

Неговите успеси со Јанта Волеј, назначувањето за селектор на женската младинска репрезентација и невиот проект наречен Виола Волеј беа повод за интервју со Јованче Манасков.

По пауза од неколку години минатата сезона и се вративте на одбојката. Зошто ве немаше толку време на терените?

Па добро, само на кратко да Ве потсетам дека во одбојката сум од својата 16 годишна возраст како првотимец во Борец, кој тогаш, во далечната 1985 година, настапуваше во Втората сојузна југословенска лига, а да не зборувам дека предходно две години настапував во младинска и две години во пионерска категорија. Се натпреварував до својата 41 година, а последните две години во соседно Косово. После 25 години без прекин на активностите во одбојката како играч во земјава (Борец, Лирија, Шутова, Младост Штип, Работнички, Вардар) и странство (Динамо Тирана, Скендерај, Приштина) и како играч-тренер во клубовите каде настапував последните 5-6 години, а потоа уште 8 години само како тренер во Борец, Форшпед и Виола Волеј, редно беше да направам кратка пауза.

Содржината продолжува под рекламата

Agria

Таа пауза траеше цели три години, а искрено најголемата причина беше мојот ангажман за прв човек, односно директор на велешкото ООУ Блаже Конески во јануари 2018 година. За да ја оправдам довербата што ми беше дадена и да ја реализирам мојата замисла за училиштето, сакав целосно да се посветам на новиот предизвик. Како поранешен ученик кој завршил во ова училиште, сакав, а мислам и дека успеав во тоа, да го вратам целосниот сјај на училиштето што го има. Не мислам, туку сигурен сум дека тоа е најдоброто и најрепрезентативното училиште, не само во градов, туку и пошироко, за што потврдуваат наградите на светско ниво. Тоа беше единствената причина што ме немаше толку време на терените, а гледајќи го сега училиштето, мислам и дека вредеше да се направи отстапка.

Содржината продолжува под рекламата

По точно три години пауза од одбојката и целосна посветеност кон работата, а бидејќи училиштето се врати на своите добри стари патеки кон успехот, во јануари 2021 година ја прифатив поканата од мојот драг пријател Горан Јаневиќ, како тренер во ОК Јанта Волеј Кисела Вода во Скопје. По цели три години се вратив на она што беше дел од мене цел мој живот откако паметам за себе и без кое не сум јас, а тоа е одбојката.

Освоивте двојна круна со Јанта волеј. Што значи овој успех за Вас?

Убаво е чувството кога ќе се вратиш на нешто што си го работел цел живот, но уште поубаво е кога ќе се вратиш на голема врата. Секако дека успехот ми беше многу голем предизвик и премногу ми значеше, посебно после паузата од три години. Да не заборавиме дека притисокот кај мене во тој момент беше уште поголем со фактот дека на полусезона кога го прифатив предизвикот, клубот беше на второ место, без победа со првопласираниот ОК Вардар од Скопје.

Но, како течеше првенството работите си доаѓаа на свое место. Коцките една по една полека се спојуваа и на крај мозаикот излезе како што посакувавме. Многу ми е драго што и јас бев една од многуте коцки, што и јас бев дел од тој мозаик.

Морам да потенцирам дека успехот се должи на целиот тим од прв до последен, од најмал до највозрасен. Јанта Волеј не е само голем клуб, јас велам, тоа е институција. Јанта Волеј е една голема фамилија. Затоа клубот е тоа што е. Затоа клубот постигна успех, кој ниту еден клуб го немал до сега, а тоа е поврзување на титулите во сите пет категории. Покрај двојната круна, кога станавме државни прваци во сениорска категорија и го освоивме Купот на ОФМ, Јанта Волеј е шампион и во младинска, во кадетска и во пионерска категорија. Не верувам дека некој во иднина ќе го постигне тоа што клубот го постигна оваа натпреварувачка 2020/2021 година.

Назначен бевте и за селектор на младинската селекцијата до 19 години, со која минатото лето учествувавте на Балканијадата во Белград, Србија. Како поминавте на ова натпреварување?

После успесите со клубот, некој ќе рече нормално е и логично јас да бидам тој што ќе ги води девојките од младинската репрезентација, но искрено мене ме изненади поканата. Дојде на само 10 дена пред почетокот на Балканијадата. Немаше доволно време да се направи селекција, да се подготвиме, но сепак прифатив, за да не ги оставам девојките и директорот на репрезентацијата, што се вели, на цедило.

Поминавме не многу славно, со освоен еден бод, но и со едно големо искуство. Да играш рамноправно против светскиот вицешампион, репрезентацијата на Србија, не е мала работа. Истата таа екипа на Србија, веднаш по нашиот турнир замина на Светско малдинско првенство и беа втори во светот. Да се изразам во мој жаргон, една добро научена лекција. Но, со оглед на приликите и околностите што ги имавме, она што од прилика го планиравме и очекувавме, се оствари. Јас кажав дека, доколку сакаме некој успех во женската одбојка, а имаме капацитет, мора да се менуваат работите. Доколку не се променат некои работи, дефинитивно ќе продолжат, ама без мене.

Вие сте „дете“ на велешката одбојка, односно на Борец, со сите варијанти на неговото име подоцна. Зошто ве нема во локалната одбојка, во Борец на пример?

Во локалната одбојка полека се враќам годинава во ОК Виола Волеј, подмладена екипа, да ги наречеме почетници, која веднаш ја пријавивме да се натпреварува во лига во пионерска категорија при ОФМ. Оваа година не очекуваме некој поголем успех, туку целта ни е правење селекција на девојките, формирање на костурот на екипата и стекнување на искуство. Поради ова, а бидејќи во градов нема друга женска екипа во одбојка што се натпреварува во лига, ги повикувам сите заинтересирани кои сакаат да се натпреваруваат, а со тоа и да напредуваат да ни се придружат. Вратите на клубот се отворени за сите што ја сакаат одбојката и сакаат да бидат дел од неа.

А ако мислите на тоа зошто ме нема во Борец… е тоа е веќе друга приказна, која малкумина ја знаат, но затоа што големите љубители и познавачи на одбојката, а ги има во голем број, често ме прашуваат каде сум и зошто сум го напуштил клубот, на кратко ќе се навратам и ќе ја раскажам.

Веќе 2009 година како прваци во втора лига изборивме влез во првата државна лига. Во тој момент првиот човек на компанијата Брако, а мој школски другар, Кочо Анѓушев, ги препозна моите амбиции и амбициите на клубот, па влезе финансиски да ни помогне, за што јавно му се заблагодарувам.

Првата година младите момчиња рамноправно се бореа со другите екипи и го делеа високото 4 и 5 место на табелата. Веќе наредната 2010/2011 година клубот под името ОК Борец Брако, го врати сјајот на одбојката во градот, а со тоа се врати и публиката, која ја полнеше салата до последното место. Младите момци кои пред четри години ја започнаа својата кариера, го освоија златото и станаа младински државни прваци во Македонија, додека сениорката екипа поддржана од постарите играчи, кои дел се вратија да помогнат, играше во двете финалиња, за Купот и за шампионската титула и ги освои сребрените медали во двете категории. Градот живееше со нас. Организирано со автобуси не следеше и бодреше на финалните натпревари. Април и мај 2011 година беа златни денови на одбојката во Велес.

Но, наместо клубот да продожи и да цели кон уште повисоки амбиции, на дел од луѓето во клубот им се зголемија личните желби и потреби за разлика од клубските. Нормално, јас, како секој амбициозен човек, кој секогаш сака да оди скала погоре, не можев да прифатам да бидам дел од еден тим без желба за успех, без цел и амбиција и веќе следниот месец, во јуни 2011 година, го оставив сето она што го вложив предходните 4-5 години и го напуштив клубот.

Клубот, ако се сеќавате, функционираше некако уште година – две мислам, без некој позначаен успех, за да на крај спонзорот Брако им го откаже финансирањето и клубот потоа целосно згасне и исчезне од мапата на ОФМ.

Сега по речиси 10 години од успехот во 2011 година, да, во Велес повторно има машки одбојкарски клуб кој се натпреварува во единствената Прва лига за мажи. Иако се претставуваат и бараат привилегии како Градски одбојкарски клуб (ГОК Борец), тој воопшто не е градски клуб, туку е приватен или како што зборува јавноста во градот, фамилијарен бизнис на некои, на кои им е битен квантитетот, а не квалитетот. Ете, затоа ме нема во тој клуб и никогаш нема да бидам дел од еден ваков Борец.

Додека активно игравте, го носевте и репрезентативниот дрес. Како поранешен репрезентативец, направете паралела од тогашната репрезентација и оваа денеска. 

Да, со осамостојувањето на Македонија далечната 1991 година бев во составот на новоформираната репрезентација на чело со селекторот Митко Циев, но поради моите работни обврски како професор во ООУ Блаже Конески, не можев секогаш и во целост да одговорам на повиците на селекторот.

Паралела помеѓу тогашната и сегашната репрезентација не би можел да се направам, бидејќи се работи за многу голема временска разлика од 30 години. Друга одбојка се игра сега. Ама со мене беа имиња како Русоманов, Ричлиев, Чуприна, Стојанов, Славков, Чадиев, Јањевиќ, нашиот Илиев и многу други, кои значеа нешто во тогашните квалитетни југословенски лиги. Ако правам паралела, ќе речам дека тогаш имавме преку 20 квалитетни играчи кои можеа било кој од нив да бидат дел од репрезентацијата, за разлика од сега, кога се сведуваме на два или три индивидуални играчи кои отскокнуваат и тоа е се што имаме.

Каков е квалитетот на македонската клубска одбојка и во машка и во женска конкуренција? Конкурентни ли сме во Европа?

За жал, далеку сме од Европа. Видете само наназад колку години, од времето уште кога јас играв во Работнички и со исклучок на некоја „туристичка” пријава од некој клуб, ние немаме претставници во европските купови. Со ова ви давам и одговор на вашето прашање во врска со квалитетот на клубската одбојка. Ако имаме квалитет, ќе играме и во Европа. Знам дека многумина од одбојкарската фела ќе ми замерат за ова што ќе го кажам, но јас сум само многу реален и брутално искрен. Мислам дека за тоа до каде сме, освен средствата што се потребни, на што се жалат сите клубови, се и начинот на работа во клубовите. Освен Струмица во машка и Јанта Волеј во женска конкуренција, останатите клубови работат само за некој личен профит, што значи повеќе на квантитет, отколку на квалитет. Затоа и немаме квалитетни играчи кои би играле во квалитетна лига и би ја претставувале земјава со една квалитетна репрезентација.

Машката репрезентација заврши неславно на Европското првенство. Ваше мислење?

Неславно дефинитивно, како 23-то пласирани од 24 учесници на Европското првенство со само два освени сета од пет натпревари, но, за мене очекувано. Искрено и спортски се надевав на повеќе освоени сетови, па и на макар една победа, но на крај се случи она од што се плашев и што го очекував. Оваа репрезентација си го кажа своето на ЕП 2019 во Словенија, каде со две победи зад себе оставивме седум репрезентации и сами сме си криви што не се пласиравме во осминафиналето.

За жал, за сега не гледам и дека нешто ќе се промени на подобро. А зошто? Како одговор ќе се вратам на предходното прашање. Ако сакаме да имаме силна репрезентација, треба да се сконцентрираме кон домашното првенство. Не можеме сè да чекаме од неколкуте репрезентативци, кои играат на страна и се при крај на својата кариера. Тие треба само да бидат дополнителната сила и мотив на помладите. Базата треба да биде од тука, од домашното првенство. Мора да се направат напори за што е можно повеќе изедначени, ама силни екипи, кои би играле повеќе дерби натпревари, каде ќе се стекнуваат со искуство. Само од изедначена лига каде ќе има силни дерби натпревари, ќе можат да израснат и квалитетни играчи.

За женската репрезентација нема воопшто да говорам, од едноставна причина што ја нема. Зошто и како веќе долги години немаме женска сениорска репрезентација, е прашање за ОФМ.

Се гледате ли себе си на кормилото на некоја од државните репрезентации?

Ова го сметам како провокативно прашање, за кое одговор можеби треба да се добие од оние што добро ја познаваат одбојката. Во првото прашање ви одговорив, ако пресметате добро, ќе видите дека 40 години сум во одбојката. Со 25 години играчко искуство, со 25 години работно искуство во образовна институција (професор по математика) што е многу важно како педагошки работник да препознаете со кого, како да се однесувате и постапувате, со преку 25 освоени медали и трофеи, со контактите што ги имав со искусни тренери и играчи, мислам дека имам што да пренесам и има што да се научи од мене.

Доколку се променат некои работи во одбојката, да – се гледам на кормилото, како што вие велите. Доколку остане како што е сега, дефинитивно не, затоа што сум човек кој не сака да импровизира.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: