По неколкудневна борба со огнената стихија над село Будинарци, вчера попладне големиот шумски пожар е совладан. Со тоа целосно е изгаснат големиот шумски пожар што го зафати реонот на општините Пехчево, Делчево и Берово, соопшти Центарот за управување со кризи.
„Поаѓајки од нашето начело – безбедноста на луѓето на прво место, известуваме дека во пожарот не настрада ниту еден локален жител ниту припадник на противпожарна или друга единица или институција, со исклучок на еден повреден австриски пожарникар кому му посакуваме брзо оздравување“, велат од ЦУК.
Од таму додаваат дека дел од австриската противпожарна опрема, како и наши и бугарски пожарникари, ќе останат да стражарат за да не дојде до повторно разгорување на оганот на одредени места, нешто што, како што велат од ЦУК, редовно се случува по совладувњето вакви големи пожари, особено имајќи го предвид засилениот ветар, кој пред малку почна да дува.
„Голема благодарност до екипажите на македонските и на српските хеликоптерски единици и на романски авиони, македонските, австриските, словенечките и бугарските пожарникари, до припадниците на ‘Национални шуми’ и до Шумската полиција, до припадниците на македонската Армија и со полицијата, како и до вработените во ДЗС, ЦУК и другите институции, кои на кој било начин помогнаа во совладувањето на овој, веројатно, најголем шумск пожар во Македонија досега. Посебна благодарност до локалното население, кое храбро и пожртвувано помогна во одбраната на селата од огнената стихија“, велат од ЦУК.
Можеби ќе ве интересира: