Каков имот поседуваат пратениците од Велес: Јанушев и Здравковски најбогати, Апасиев со најголеми долгови

veleski pratenici
Veleski pratenici

Новите пратеници во Собранието до Државната комисија за спречување на корупцијата ги доставија анкетните листови за имотната состојба со која влегуваат во четиригодишниот мандат. Дел од пратениците и порано вршеле државни функции, па на веб страницата на Комисијата можат да се најдат и нивните стари анкетни листови.

Zito akcija 640x289px

Направивме увид во имотот на пратениците кои потекнуваат од Велес или се кандидирани во третата изборна единица. Каков имот и колку долгови пријавиле Игор Јанушев и Игор Здравковски од ВМРО ДПМНЕ, Ненад Коциќ од СДСМ, Љупчо Пренџов од ГРОМ и Димитар Апасиев од Левица, ви донесуваме во продолжение.

Agria

Игор Јанушев – ВМРО ДПМНЕ

Со четири стана во Скопје, куќа во Охрид и два луксузни автомобили, генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ и пратеник во Собранието, Игор Јанушев е најбогат меѓу велешките пратеници. Во анкетниот лист за имотната состојба навел дека заедно со сопругата имаат имот вреден над 300 илјади евра.

Интересно е тоа што целиот имот е во сопственост на сопругата на Јанушев, освен еден стан, кој е заеднички имот и еден автомобил, кој е единствениот имот што го поседува 36-годишниот генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ. Тој и неговата сопруга двата стана ги стекнале во две години – два во 2009 и два во 2012 година. Тие две години се најплодните за ова семејство, бидејќи прво во 2009 година добиле на подарок еден, а купиле уште еден стан, а истото тоа им се повторило и три години подоцна.

Igor Janusev JPSP

На веб страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) можат да се најдат два анкетни листови за Јанушев – еден кога бил директор на ЈСП Скопје и уште еден сега, кога стана пратеник во Собранието. Споредувајќи ги двата анкетни листови, се забележува дека заминувањето на ВМРО ДПМНЕ во опозиција не влијаело на тоа, Јанушеви да не ја зголемат својата имотна состојба. Токму во 2017 година, Игор купува автомобил Лексус произведен 2013 година, кој го проценува на 15 илјади евра, а две години подоцна неговата сопруга се подновува со нов, луксузен Нисан Кашкаи од близу 24 илјади евра. Оваа 2020 година семејството Јанушеви добива уште еден подарок – куќа во Охрид од 50 м2, подарен на сопругата на Игор.

Igor Janusev pratenik

За разлика од првиот анкетен лист на Јанушев, во вториот ги нема приходите од дивиденди, акции и приходи за член на надзорен одбор, но споредувајќи ги, ова семејство сега е побогато за 23 илјади евра во однос на имотот кој го поседувале додека Игор бил директор на ЈСП Скопје.

Игор Здравковски – ВМРО ДПМНЕ

Image may contain: 1 person, eyeglasses and suit

Веднаш зад Јанушев, по вредноста на имотот кој го пријавил, следува неговиот сопартиец и претседател на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ од Велес, Игор Здравковски. Но, разликата е во тоа што речиси целиот имот на Здравковски е на име на неговите родители. Тој е стекнат многу поодамна, уште пред првиот човек на локалниот огранок на опозициската партија да влезе во политика.

Имотот на семејството Здравковски е за 20-тина илјади евра повреден од оној на Јанушеви и го проценуваат на 320 илјади евра. Но, од него, само околу четири илјади евра отпаѓаат на Игор Здравковски и неговата сопруга.

Igor Zdravkovski

Родителите на Здравковски поседуваат деловен простор и зграда вредни секоја по 100 илјади евра, стан и земјиште од по 30 илјади евра и две парцели земјоделско земјиште вредни по 20 илјади евра. Тие имаат и куќа од 30 м2 во Велес, изградена пред 60 години, чија вредност ја проценуваат на 1.600 евра. Поседуваат и викендичка во Велешко со површина од 30 метри квадратни, изградена во 1980 година, вредна 10 илјади евра.

Единствениот имот пријавен во анкетниот лист, кој не е во сопственост на родителите е половен автомобил Нисан Ноте, кое Здравковски го купил пред две години, а го проценува на околу 3.200 евра и 30 илјади денари депозит, во сопственост на неговата сопруга.

Ненад Коциќ – СДСМ

Имот вреден над 100 илјади евра поседува и пратеникот на СДСМ Ненад Коциќ и неговото потесно семејство. Во својот анкетен лист тој навел дека неговите родители во далечната 1973 година се стекнале со деловен простор во Велес со површина од 52 м2, за кој напишал дека вреди 118.150 динари, веројатно стари, југословенски. Во 2007 година родителите се стекнале и со стан во Велес, со површина од 65 м2, вреден 40 илјади евра. Неговите родители се сопственици и на општа ординација „Центар за дијагностика и лекување“ – Велес, но не е наведено како ја стекнале и колку вреди.

Nenad Kocic

Останатиот имот кој Коциќ го напишал во анкетниот лист е негов. Во 2018 година купил викендичка во општина Чашка, со површина од 80 м2, која ја проценува на 16 илјади евра, а истата година си купил и нова Тојота Корола вредна речиси исто колку и викендичката – 16 илјади евра. Коциќ поседува и автомобил Шевролет Авео произведен 2006 година, а купен една година подоцна, кој сега го проценува на 9.000 евра.

Новиот пратеник на СДСМ од Велес по струка е лекар – специјалист, па поседува и Специјалистичка ординација по интерна медицина „д-р Коциќ“. Тој има и заштеда на три сметки во две банки. На едната навел дека поседува 844.751 денари, но на другите две не ја напишал валутата, туку само бројки – 5.330 и 360.000.

Димитар Апасиев – Левица

Лидерот на Левица Димитар Апасиев пред три години си купил стан во Скопје, со површина од 60 метри квадратни, вреден 65 илјади евра. Една година претходно, тој од банка подигнал кредит во висина од 56 илјади евра, кој ќе го отплаќа 30 години. Во годината кога го купил станот, кредит земала и неговата сопруга, а една година подоцна подигнала уште еден.

Според анкетниот лист на Апасиев, освен станот, во негова лична сопственост се само уште долгови, што во кредити и кредитни картички, што во дозволено пречекорување на трансакциска сметка, а навел дека има и долг за стипендија, кој ќе го враќа уште две години.

Dimitar Apasiev

Неговата сопруга поседува половен автомобил Алфа Ромео 147, купен 2017 година, вреден 2.500 евра, а во банки има депозит од 4.500 евра.

Љупчо Пренџов – Гром

Додека бил заменик министер за локална самоуправа, Љупчо Пренџов, потпретседател на „Гром“, речиси и да немал имот. Тогаш пријавил дека поседува автомобил Ауди А4 произведен 2004 година, кој го купил во 2013 и го проценил на 5.000 евра, акции вредни 300 денари и дивиденда од 4.000 денари.

Но, сега, кога Пренџов стана пратеник, неговиот анкетен лист е многу посодржаен. Акциите и дивидендата се поголеми, а наместо Аудито, лани си купил Опел Антара од 2008 за 5.700 евра, а годинава се подновил со речиси нов мотор Пијаџо Беверли од 4.000 евра.

Ljupco Prendzov zam minister

Пренџов лани во наследство добил четвртина од земјоделска парцела вредна 4.000 евра и половина куќа во Велес со површина од 140 м2, проценета на речиси 25 илјади евра. Тој пријавил и акции во вредност од 2.000 евра, и дивиденда од 10.455 денари во периодот од август до октомври.

Ljupco Prendzov pratenik

Но, имот му донела и сопругата, која лани на подарок добила една дванаестина од куќа во Велес со површина од 122 м2, проценета на 35.500 евра, но и стан во Велес со површина од 33 м2 вреден околу 16 илјади евра, а пред три години во наследство добила автомобил Фиат пунто вредно 1.600 евра.

Во анкетниот лист поранешниот заменик министер за локална самоуправа пријавил дека има долгови во висина од 8.800 евра од кредит и кредитна картичка.

Можеби ќе ве интересира:

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: