Коцевски: Размислувам да побарам карантин за Велес!

Состојбата во Велес со коронавирусот е крајно алармантна и доколку продолжи овој тренд со високи бројки на заразени велешани, размислувам да побарам карантин за градот, смета градоначалникот на Велес Аце Коцевски.

Zito akcija 640x289px

По големиот број заразени и починати во Велес, утрово заседаваше Кризниот штаб со кој претседава Коцевски и кој оцени дека Велес е при врвот по број на заразени во земјава, споредбено со бројот на жители.

Agria

“На состанокот на штабот денеска не разговаравме за карантин на градот, но јас во последно време интензивно размислувам на таа тема и доколку овој тренд на заразени расте, ќе му предложам на министерот за здравство и на Комисијата за заразни болести да преземат соодветни мерки. Во овој бран на ковид-19 повеќето пациенти се со средно тешки и тешки симптоми. Притисокот врз велешката болница секојдневно се зголемува. Состојбата кај матичните лекари исто така е крајно алармантна, напливот на пациенти кај нив е огромен и примарното здравство е во опасност да крахира. Апелирам до граѓаните да се придржуваат на препораките и ако добијат симптоми слични на ковид-19, да постапат според препораките, воопшто да не одат кај матичен лекар, туку да се упатат таму каде е пропишано”, рече Коцевски.

Само во последните два дена во Велес се регистрирани 91 новозаразен граѓанин, а за десетина дена во велешката болница починаа 15 пациенти. Во моментов на инфективното одделение во велешката болница се хоспитализирани 47 пациенти, од кои 40 се од Велес, петмина од Свети Николе и по еден од Струмица и Градско. На одделението има уште седум слободни кревети. 37 пациенти се со позитивен тест, а 10 се водат како сомнителни случаи. На кислородна поддршка се наоѓаат 14 пациенти.

“Имаме сознанија дека одреден број граѓани не ги почитуваат мерките и дека заради тоа се шири епидемијата. Апелирам строго да се придржуваме на препораките на Комисијата за заразни болести, кога ќе почувствувате симптоми кои асоцираат на ковид-19 веднаш пријавете на работа и влијајте врз член на семејството да се однесува совесно и да се изолираат. Додека чекате резултати од тестот, останете дома да не го изложите на ризик здравјето на останатите. Апелирам до раководителите на општинските институции да поведат законски санкции против несовесни работници. Загрижуваат се поголемиот број кластери во големите фирми, во кои апелирам да се почитуваат мерките и во погоните и во фабричките автобусите во кои не смее да има повеќе од 50% од капацитетот”, рече Коцевски.

И покрај ваквата состојба градоначалникот Коцевски упати смирувачки тонови до граѓаните да не се грижат за добивањето здравствени услуги.

“Бидете спокојни, здравствените работници и институции во градот нема да дозволат ниту еден граѓанин да остане без здравствена услуга”, рече Коцевски.

Од почетокот на епидемијата до денеска во Велес се регистрирани 637 заразени, од кои 349 оздравеа, а 259 случаи се се уште активни. Од нив, на домашно лекување се 226 граѓани, 28 на инфективното одделение во велешката болница, тројца се лекуваат во приватни болници во Скопје, две родилки се хоспитализирани на ГАК во Скопје. Досега починаа 29 велешани.

Можеби ќе ве интересира:

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: