Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека од раните утрински часови денеска продолжува интензивната потрага по исчезнатата 16-годишна девојка. На терен се ангажирани припадници на Министерството за внатрешни работи, специјалната единица на Армијата на Република Северна Македонија – „Волци“, како и полициски службеници од Полициската станица Велес.
Според информациите од ЦУК, акцијата се одвива во тесна координација меѓу институциите, со засилено присуство на терен и внимателна проверка на поширокото подрачје каде што се води потрагата.
Вчера на бројот за итни повици била примена пријава за две потонати женски лица, на возраст од 16 и 26 години, во реката Вардар, во близина на селото Уланци, Општина Градско. 26-годишната жена беше пронајдена жива, додека по 16-годишна девојка се трага во водите на Вардар.