Градоначалникот на Велес, Марко Колев, денеска ја предаде донацијата за детското одделение на Општа болница Велес, која беше обезбедена од влезниците на божиќниот концерт на кој настапи Сара Мејс којшто се одржа во велешкиот театар.
„Оваа донација ќе ни биде од голема корист. Добивме медицинска опрема, инфузиона пумпа- апарат за дозирано аплицирање на терапија во единица време, кој е потребен на децата. Добивме и заштитни наочари кои се потребни за заштита на очите на децата кога се на т.н. фото терапија и им пречи. Добивме и три телевизори, за да имаат забава додека лежат на одделение“, изјави педијатар д-р Елена Ангеловски, началник на Детско одделение при велешка болница.
Во обезбедувањето на средствата учествуваа Општина Велес, која го плати концертот, театарот кој бесплатно ја обезбеди салата, и Општинската организација на Црвен крст, која беше вклучена во собирање на средствата и набавката на апаратите, како и болницата која посочила кои апарати се потребни, а од билети од концертот се собрале 125.000 денари.
„На оваа донација работевме неколку институции од Велес и денес ги врачуваме купените апарати и средства. Тоа што го побараа, тоа го обезбедивме. Идејата е благородна и очекувам дека и во наредните години ќе продолжи овој хуманитарен концерт, со што ќе помагаме на институции на кои им е потребна помош“, изјави градоначалникот на Велес, Марко Колев.
