Општина Велес ги награди најуспешните работници за 2024 година. Најуспешен полицаец за 2024 година во Општина Велес е Трајче Деловски. Во МВР е вработен од 2017 година како дежурен полицаец, но извршувал и работни задачи во одделот за недозволена трговија со дрога и оружје. Наградата ја добива за својот врвен професионализам и одговорност во извршување на задачите во службата.
За најуспешен пожарникар годинава е прогласен Борче Пачуков, вработен во Територијалната противпожарна единица Велес. Се истакнува со професионално и посветено учество во сите активности и акции за безбедност на граѓаните.
За најуспешен комунален работник за 2024 година Општина Велес го награди Пане Костовски, вработен во ЈКП „Дервен“ како ракувач на земјоделски машини. Костовски се одликува со висок степен на одговорност во извршување на работните задачи, скромност и позитивен однос со колегите.
За хуманист на годината Општина Велес го прогласи Никола Цековски кој цели 42 години непрекинато и несебично дарува крв. Годинава по 129-ти пат се впиша во книгата на крводарители.
На Новогодишна свеченост, Општина Велес им ги додели стипендиите на најталентираните ученици и студенти за учебната 2024/2025 година. Стипендии добија 31 средношколци и 5 студенти. И годинава донатори на стипендии се Агриа, агроиндустриска групација Велес, Жито Маркети Велес и Општина Велес.