Огромни гужви утрово можат да се забележат пред банките во Велес. Граѓани на социјалните мрежи објавуваат фотографии и видеа, на кои се гледаат групи од стотина граѓани пред експозитурата на НЛБ Банка во центарот на градот. Иако присутна е и полицијата, сепат групирањето во толпа засега не се контролира. Слична е ситуацијата и со поштата во Трговски центар во Нова населба.
Според она што граѓаните го пишуваат на социјалните мрежи, гужвите се поради социјалната парична помош која граѓаните денеска ја добиле на своите сметки.
Ова се случува на само еден ден пред почетокот на продолженото време за полицискиот час. Од утре забраната за движење почнува од 16 часот и ќе трае до 5 часот наредниот ден. Во викендите нема да има воопшто излегување, бидејќи забраната ќе трае од петок од 16 часот, па се до понеделник до 5 часот.
Младите под 18 години ќе можат да излегуваат од понеделник до петок само во периодот помеѓу 13 и 15 часот.
Возрасните над 67 години, право на движење ќе имаат од понеделни до петок во периодот помеѓу 10 и 12 часот.
Мерките се носат како заштита од ширењето на заразата со коронавирус.