Велес ќе биде домаќин на јубилејното, дваесетто издание на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес 2025“, коe свечено започнува утре со традиционалното дефиле на ансамблите низ градските улици.
Во наредните пет дена, амфитеатарот во Младински парк ќе биде фолклорна сцена на културна разноликост, каде што публиката ќе има можност да ужива во настапи на фолклорни ансамбли од Македонија, Чиле, Австралија, Мексико, Турција, Литванија, Чешка, Германија и Србија. Посебно внимание оваа година привлекува најавениот настап на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, кој ќе биде и своевидно изненадување за публиката.
Фестивалот се организира од страна на Ансамбл Керамичар, КУД Коле Неделковски и ФА Вила Зора, кои преку оваа манифестација продолжуваат со мисијата за зачувување и промоција на фолклорното и културното наследство.
Влезот за сите вечери е слободен, а организаторите упатуваат покана до граѓаните и посетителите на градот да бидат дел од овој фолклорен празник.