Вмеша ли политиката прсти и во образованието врз грбот на децата и квалитетот на наставата? Во едно од најголемите основни училишта во Велес, градоначалникот Марко Колев тврди дека по бројни реакции од загрижени родители за состојбата со греењето во ООУ “Блаже Конески” нема доволно затоплување на училишните простории.
Колев вчера заедно со општинските и инспекциските служби бил таму и како што објави на неговиот фејсбук профил, утврдил дека во резервоарот има доволно нафта, а радијаторите се млаки бидејќи работи само едниот котел, а вториот е исклучен по наредба на директорот.
„По минус децава помодрени и премрзнати децава да дојдат дома, јас не знам како да ви кажам, до кого е? Колку треба да биде температурата, прашува градоначалникот Колев. “Од 18 до 22 степена”, одговара општинската просветна инспекторка Македонка Виларова. “Тоа значи дека треба дополнителни грејни тела“, вели Колев, на видео од увидот во училиштето, кое градоначалникот го објави вчера на својот фејсбук профил.
Директорот Јованче Манасков денес ја коментираше вчерашната посета на градоначалникот Колев во училиштето.
„Училиштето не е ЕЛ ДОРАДО од америчките филмови за тој да шерифува во отсуството на директорот, да зборува на висок тон со вработените, да се прават и да се монтираат видеа, туку треба да се има елементарна почит кон училишниот ред и прописите кои се на сила во државата“, вели директорот Јованче Манасков.
Манасков исто така тврди дека греење има, но прашањето е до кога, бидејќи, како што истакна на прес, годинава на ова училиште општината му доделила само 830 илјади денари, сума која според Манасков е доволна за затоплување на училишните простории за само еден месец.
„За споредба 2022 година, 4 милиона и 927 илјади денари се потрошени за нафта, набавени и потрошени. Во 2023 година на снимката се гледа самиот градоначалник чита, дека во планот лани биле потрошени 4 милиона, 12. 308 илјади денари. Според вашиот план и распределба господине градоначалник одобрени се 830 илјади денари за нафта за цела година, кое што по математика пресметано за ке ни биде доволно за еден месец, вели Манасков.
Од Кабинетот на градоначалникот на општина Велес пак, го обвинуваат директорот Манасков за недомаќинско работење.
„Во однос на обезбедување нафта за оваа 2024 година, за седницата на Совет која е закажана за 31.01 е предвидена пренамена на средства, односно кратење 3,2 милиони денари од натпишаните средства за плата и нивна пренамена за набавка на нафта, со што училиштето повторно ќе ги има потребните 4 милиони денари како и претходната година. Дополнително, во текот на денешниот ден на директорот Манасков му е понудено алтернативно решение за дообезбедување на нафта доколку има потреба додека да се завршат административните процедури за пренамена“. – велат од Општина Велес.
Дали политиката, овој пат во Велес ќе биде клучен фактор за во сред училишна година да се прекине наставата на околу 1.100 деца кои учат во ова училиште останува да видиме, но факт е дека во секое училиште училишните простории на овие минусни температури треба да бидат доволно загреани, со цел квалитетна и ефикасна настава.
Можеби ќе ве интересира: