По неколку месеци интензивни градежни активности, денеска официјално е пуштен во употреба санираниот мост на реката Вардар кај Башино Село. Мостот сега е целосно функционален и безбеден за сообраќај за сите видови возила – лесни, товарни и патнички.
На пуштањето присуствуваа премиерот на Владата Христијан Мицкоски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски, министерот за транспорт и врски Александар Николоски, како и градоначалникот на Велес, Марко Колев.
Мостот, изграден во 1971 година, беше во лоша состојба со видливи оштетувања што претставуваше ризик за безбедноста на учесниците во сообраќајот. Градежниот факултет при УКИМ, по извршените стручни проценки на почетокот на годината, препорача итна санација, по што мостот првично беше целосно затворен за сообраќај, а потоа ставен под времен режим додека траеја градежните зафати.
Обновата значително ќе го подобри сообраќајниот проток на оваа важна делница, која секојдневно ја користат автомобили, комбиња, лесни и тешки товарни возила.
Со пуштањето во употреба на мостот, се враќа нормалниот ритам на сообраќајот во овој дел од градот, со што се обезбедува сигурна и ефикасна врска за жителите и стопанските субјекти од околината. Реконструкцијата на мостот беше финансирана од ЈПДП, а проектот беше во вкупна вредност од 29.045.170,18 денари или околу 472.000 евра со ДДВ.