Согласно последни резултати од мониторинг станицата за квалитет на амбиентен воздух Велес 2 на Државниот автоматски мониторинг систем при Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Велес ги известува граѓаните за високи среднодневни концентрации на PM 10 честички на територија на Општина Велес за деновите 30 и 31 декември 2024 година и 01 јануари 2025 година.
„Согласно Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели („Службен весник на Република Македонија“ бр. 50/05, 4/13 и 183/17) во која е дефиниран Прагот за информирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 100 g/m3 во текот на два последователни денови) и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, Ве информираме дека истиот е надминат на мерното место во Велес 2 од 100 μg/m3“.
Согласно настанатата состојба, Општина Велес даде препораки за граѓаните, да го користат јавниот превоз, возила да не се користат без поголема потреба или доколку се користат повеќе лица да се возат со едно возило во исто време, да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материјал, рано наутро и доцна навечер да се избегнува долготрајна изложеност на отворено, правилно да се користат печките за дрва, да се користи суво не влажно огревно дрво и редовно да се чистат оџаците, како и да се одложат сите активности на отворено.
Доколку има надминување на Прагот на алармирање во текот на два последователни дена над 150 μg/m3 ќе бидат превземени дополнителни вонредни мерки.
Продолженото изложување на загаден воздух може да доведе до астма, хроничен бронхитис и други респираторни заболувања. Микроскопските честички и токсични гасови можат да го оштетат белите дробови. Загадувањето на воздухот може да ја зголеми шансата за срцеви заболувања, вклучувајќи инфаркти, висок крвен притисок и удари. Честичките од воздухот можат да предизвикаат воспаление и оштетување на крвните садови.