Полициска службеничка, која работи во скопска полициска станица е осмата заразена велешанка со коронавирус, потврди за Батали.нет Тони Димитриевски, директор на Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Велес.
Нејзиниот резултат од тестот стигнал синоќа, откако таа се тестирала во понеделникот, во исто време кога се тестирал и средношколецот кој вчера е хоспитализиран.
Според епидемиолошката анкета, полицајката најверојатно се заразила на работното место, откако имала контакти со нејзин претпоставен, кој се вратил од странство, а за кој подоцна се утврдило дека е позитивен.
Таа уште минатата недела добила симптоми на болеста и веднаш се изолирала. Сега е во добра состојба и се наоѓа дома, но член на нејзиното семејство со благи симптоми е сместен на инфективното одделение на велешката болница.
Нему денеска му е земен брис, за да се види дали симптомите се од обична настинка, грип или пак коронавирус.