Велешката полиција приведе 46-годишен маж откако неговата малолетна ќерка го пријавила дека ја држел затворена во семејниот дом. Инцидентот се случил на 21 јуни, а пријавата била поднесена околу 14:10 часот, по што веднаш реагирале полициските службеници од СВР Велес.
„По пријава од малолетно лице, полициски службеници го лишија од слобода З.Н. (46) од Велес, поради сомнение дека ја држел заклучена својата малолетна ќерка. Со девојчето беше извршен разговор во присуство на психолог од Центарот за социјални работи Велес“, вели Билјана Ѓаковска, портпарол на СВР Велес.
Приведениот е задржан во полициска станица, а за случајот е известен јавен обвинител. По целосно документирање на настанот, ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Од полицијата не откриваат дополнителни детали за мотивите или околностите, но најавуваат дека институциите ќе постапуваат согласно законските надлежности.