Во рамки на 62. издание на Рациновите средби, во фоајето на Театарот „ЈХК Џинот“ во Велес, беше промовиран романот „Цреша“ од авторот Александар Сашко Кукулев. Ова е четврто книжевно дело на Кукулев, кое веќе ги освојува читателите со својата длабочина и симболика.
Романот „Цреша“ е книжевно патување низ генерациска болка, неизлекувана траума и тишина што говори погласно од зборовите. Преку симболот на дрвото – црешата – авторот создава наратив во кој личните судбини стануваат архетипски, препознатливи и во литературата, и во психијатриската пракса.
Настанот започна со изведба на песната „Цреша“ од Тоше Проески од страна на детски хор, создавајќи емотивна атмосфера што го одбележа целиот тек на промоцијата. Промоторите Огнен Неделковски, д-р Елена Карева Пиловска и Славица Митровска го споделија своето доживување на романот, додека модератори на настанот беа Весна Димитрова-Бобевски и Кире Ацевски.
„Цреша“ не е роман. Тоа е рана што пее. Има книги што ги читаш, и книги што те читаат. Оваа – те гледа. Со погледот на оној што одамна престанал да очекува спас, но сѐ уште верува дека тишината може да љуби“, истакна промоторката Славица Митровска.
„Ова не се само книжевни ликови. Ова се архетипи што ги среќаваме и во себе“, истакна психијатарката и промоторка на книгата, д-р Елена Карева Пиловска, нагласувајќи ја ретката автентичност со која Кукулев го прикажува внатрешниот свет на траумата – без дијагнози и етикети, туку со приказна, симболика и тишина.
Огнен Неделковски, пак, посочи дека една од најсилните сцени што ги прочитал во животот е моментот кога двајца роднини, по многу години, ја истураат земјата од Бугарија и Грција во дворот на баба Ники – сцена која, како што рече, во неколку страници ја раскажува целата македонска историја.
Промоцијата на „Цреша“ уште еднаш покажа дека литературата не е само уметност, туку и лек – за поединецот, и за колективната свест.