Прв куќен затвор со електронски надзор во Велес – 79-годишен маж ќе ја издржува казната со алка за следење

Основниот суд Велес за прв пат изрече пресуда со која казната затвор ќе се издржува во куќен затвор со електронски надзор – алка која овозможува постојана локациска контрола на осуденото лице.

Станува збор за 79-годишниот П.Ѓ. од Чашка, кој беше прогласен за виновен за кривичното дело „Полово вознемирување“ и со признание на вина доби казна затвор во траење од три месеци. Со согласност на обвинетиот, судот одлучи казната да се извршува како куќен затвор со примена на електронски надзор.

Agria

Мерката подразбира забрана за напуштање на домот, освен во случаи предвидени со Законот за пробација, како што се здравствени прегледи, потреби за живот или други исклучоци со судско одобрение. Надзорот над извршувањето го врши судот и надлежните органи, а можат да бидат вклучени и службеници од полицијата во местото каде што се наоѓа осудениот.

Во случај на прекршување на условите, судот има право да одлучи казната да се доиздржи во затворска установа.

Спроведувањето на алтернативната мерка ќе го врши Министерството за правда преку Управата за извршување санкции – Сектор за пробација Скопје.

Пресудата ја изрече судијата Шефшет Адеми од Основниот суд Велес и според начинот на издржување на казната е меѓу првите такви во Македонија. Промоцијата на електронските алки за затвореници во земјава се одржа минатиот месец, кога директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов прв ја тестираше пред новинарите.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: