За малку можеше да заврши фатално 12-годишен ученик од седмо одделение од училиштето Блаже Конески од Велес, кој вчера, за време на одморот бил жртва на врсничко насилство. Негов соученик го фатил за врат и почнал да го дави, по што детето, најверојатно изгубило воздух, паднало на подот и тешко ја повредило главата. Со скршена коска на черепот и крварење од увото, детето итно е префрлено на клиниката за неврохирургија во Скопје. По вчерашната криза, неговата состојба денеска е подобра, велат од клиниката.
„Пациентот е во стабилна состојба и е надвор од животна опасност. Ќе остане на нашата клиника на лекување уште неколку дена“, рече др. Љуљзим Агаи – директор на Клиниката за неврохирургија.
Од училиштето го потврдија инцидентот. Видно вознемирена, директорката Маја Коруновска објасни дека инцидентот се случил во училница, на одморот пред вториот час. Веднаш откако дознале, директорката и наставниците повикале брза помош и полиција, а стручните служби разговарале со ученикот кој го предизвикал инцидентот, но и со сведоците на настанот.
„Известени се и повикани на разговор родителите на ученикот кој го предизвикал инцидентот и запознаени се со целиот случај и понатамошните постапки кои ќе ги преземе училиштето за случајот. Од страна на училиштето е постапено во согласност со Законот за основно образование и се известени СВР Велес и Центарот за социјални работи Велес. Во училиштето е направен увид од страна на службени лица од СВР Велес при што е објаснет целиот инцидент и дадени се индивидуални изјави од стана на неколку предметни наставници, лице од технички персонал и директорот, кои интервенирале веднаш по случувањето на инцидентот. Директорката и стручната служба ќе продолжат да постапуваат согласно Законските и подзаконските акти, процедури и насоки за постапување при вакви постапки со цел во иднина да не се повторуваат. Училиштето, како и до сега е подготвено за соработка со сите надлежни институции за надминување на вакви ситуации“, велат од ООУ Блаже Конески.
Состојбата со однесувањето на адолесцентите и тинејџерите е се позагрижувачка. Пред овој инцидент, јавноста беше згрозена од случајот кога тинејџери демолираа игралиште, а деца со багер уништија приватна и јавна сопственост. Психологот Розалија Секулоска вели дека агресијата е вродена, како начин за преживување, која со текот на социјализацијата се губи. Но, ова што денес се случува со младите не е преживување, туку на начин на комуникација.
“Сè почнува и завршува со родителите, со семејството. Родителите се презафатени, брзаат, заработуваа, изморени се, фрустрирани, но не можеме целата вина да ја ставиме врз родителите, затоа што родителскиот систем, семејството не функционира изолорано. Ние сме само една слика од макроопштеството. Сè е достапно, ова е материјален свет. За жал, ова е потрошувачко општество, се купува, се троши, па дури сето тоа што се прави е неквалитетно, за да се купи пак. Се пропагираат морални вредности дека убавината е многу важна, важно е да се биде слаба, тука е анорексијата и булимијата, да се има такви трепки, да се има надоградба на коса, да постојат силикони, вештачки нокти. Старите морални вредности како скромноста, добрината, почитувањето, природното некако се тргнати на страна. Зошто? За да живее материјалниот свет. Родителот како единка, детето како единка што ќе прави? Ќе се сврти, ќе види и ќе рече: па сите имаат надоградба на коса, зошто јас да немам? Затоа што е достапно, затоа што, за жал, е возможно. Убавината е во природното и во скромноста. Ако младиот човек види на Тик Ток, на Инстаграм или Снепчет некои врвни личности кои ги пропагираат вистинските вредности, ако се сврти околу себе и да види дека реалноста е таква, ќе биде поинаку. Ние, родителите им правиме на некој начин траума. На тинехџерот му кажуваме за вистинските вредности, но тој се врти околу себе и гледа дека реалноста е сосема поинаква, ние му даваме фантазија, детето гледа друга реалност и нормално е дека ќе биде збунето и ќе оди во реалноста, а таа е дека сите имаат вештачки нокти, на пример“, објаснува психологот Розалија Секулоска.
За да не се случуваат вакви инциденти, како што е последниот од Велес, решението е во повеќе кампањи и поголема едукација, но и во построги санкции, вели Секулоска. Родителите мораат да ги вратат кај своите деца учењата за моралните вредности, оти нивното уништување е уништување на еден народ.