Јас сум гласот, јас сум силата – ова е пораката, која средношколците од државното средно училиште Коле Неделковски од Велес ја испратија до своите врсници, но и нивните родители. Булинг, семејно и врсничко насилство е темата на театарската претстава која по повод патрониот празник, самите ја предложија, а помогнати со режисерските решенија на познатата актерка и режисерка Весна Димитровска – Бобевски, ја поставија на сцената. Публиката виде едночинки од ситуации на малтретирање, навредување и омаловажување на свои врсници, но и ситуации на семејства во кои постои семејно насилство. Кога децата се свесни и промената тргнува од нив самите, тогаш врсничкото насилство, полесно се совладува, велат стручњаците.
„Треба да се делува превентивно, да се разговара со учениците многу често на таа тема, да се прават разни видови работилници, како што е театарската претстават што ја организирана од страна на учениците, да биде иницијатива на самите ученици, значи тие да бидат свесни дека насилството не начин на кој се решаваат проблемите“, рече Пандорче Јорданова, педагог во ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ од Велес.
Но, не само жртвите, проблем имаат и децата кои извршуваат врсничко насилство. Според Јорданова, родителите се многу важна алка во решавањето на проблемот. Кога ќе им се објасни и тие ќе го разберат и соработуваат со професионалните служби, тогаш имаме успешно завршена приказна, вели таа. Врсничко насилство имало отсекогаш. Но развојот на модерната технологија и можноста вестите брзо да се шират, на овој проблем му даде поголема видливост. Затоа и стручњаците од оваа област се повеќе се обучуваат да се справат со оваа појава.
„Нашата педагошко-психолошка служба, но и сите колеги кои што се во училиштето заеднички се борат против булингот и ги мотивираат децата да знаат како да го препознаат, каде да го пријават и како да се борат. Токму идејата за вечерашната претстава е идеја која што потекнува од средношколската заедница, преточена преку сцени во училишните клупи и на местата каде што тие се дружат, што е булингот, како го препознаваат и како да се борат против него“, рече Весна Стојановска Богоевска, директорка на ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ од Велес.
Завчера Балканот го потресе веста за убиството на седумгодишен ученик во неговото училиште во хрватската престолнина Загреб. Лани светот беше згрозен од масакрот во основно училиште во Белград. Инцидентите со врсничко насилство се се почести и низ училиштата во земјава. Настаните како театарската претстава на учениците од Велес се добри за кревање на свеста и треба да ги има почесто. Но, за да се спречи ескалација, потребно е системска борба против овој проблем, кој често добива популаризација меѓу младите на социјалните мрежи, велат експертите.