Со доделувањето на наградата за животно дело на актерката Слободанка Чичевска, вчеравечер во театарот „Ј.Х.К.Џинот“ започна четвртото издание на театарскиот фестивал посветен на доајенот на театарската уметност Петре Прличко.
Стартот на фестивалот „5ре” се означи со претставата „Госпоѓа Министерка”, продукција на Театар „Ј.Х.К.Џинот”, во режија на Синиша Ефтимов, со која актерката Зорица Панчиќ одбележува 30 години кариера во велешки театар.
Освен театри од земјава, годинава на фестивалот за првпат ќе учествуваат и театри од Србија и од Црна Гора. На затворањето на фестивалот, на 16 април, за првпат ќе бидат доделени награди за најдобра женска и машка улога, за најдобра претстава и најдобра режија, а наградата е плакета со ликот на Петре Прличко и благодарница.