Дванаесет годишен ученик од велешкото основно училиште Васил Главинов денеска во школскиот двор извадил лисици и му ги врзал рацете на соупеник, по што му вперил пиштол. Деца кои го виделе, се исплашиле и веднаш ги известиле наставниците и директорот, кој настанот го пријавил во полиција.
За кратко полицијата стигнала во училиштето, но ученикот избегал дома. Од СВР Велес го потврдија настанот.
“На 18.03.2025 во 10.00 часот во СВР Велес, од основно училиште во Велес било пријавено дека малолетен ученик во училиштето врзал со лисици негов соученик и му вперил пластичен пиштол. Од малолетникот бил одземен пиштолот и бил предаден на полициски службеници. За настанот бил известен јавен обвинител, Центарот за социјални работи Велес и по целосно документирање на настанот ќе биде поднесен соодветен поднесок”, вели Билјана Ѓаковска, портпарол на СВР Велес.
Од полицијата велат дека бидејќи се работи за малолетник под 14 години, надлежен за случајот е Центарот за социјални работи, кој понатаму треба да постапува.