Во раните утрински часови утре на територијата на Велес ќе се спроведе авионско третирање против комарци, информираат надлежните од локалната самоуправа. Ова ќе биде второ прскање од трите предвидени авионски прскања против комарци за оваа година.
Со третирањето ќе биде опфатено целото градско и приградско подрачје, како и целото течение на реката Вардар на овој потег. И оваа година ќе се третира рекреативниот центар Езеро Младост со непосредната околина.
Од Општината апелираат до пчеларите во регионот да ги преземат неопходните мерки за заштита на пчелните семејства, со затворање на кошниците во текот на третирањето и најмалку 3 до 4 часа по неговото завршување, поради можност од влијание на средството врз пчелите.