Со мирис на топло печено тесто, звуци од македонски народни инструменти и детска радост, Велес вчера свечено ја отвори едно од најочекуваните гастрономско-културни случувања во годината – Питијада 2025. Манифестацијата која го слави вкусот на традицијата започна на најубав можен начин, со настап на најмалите, дечињата од ОЈУДГ „Димче Мирчев“, кои со својата енергија и креативност внесеа живот на градскиот плоштад и го означија почетокот на неколкудневното славење на питата, песната и македонското гостопримство.
Централниот настан од првата вечер беше поставувањето на нов велешки рекорд, џиновска пита долга дури 4 метри и 30 сантиметри, подготвена од вредните и вешти раце на искусните пита мајстори од Фурна „Гемиџии“. Атмосферата на плоштадот беше збогатена со полни штандови каде што се бараше пита и вино повеќе, а се се случуваше во амбиент исполнет со насмевки, емоции и песна.
ФОТО – ОПШТИНА ВЕЛЕС
Сцената вчера блескаше со настапите на Група Соната, 2 Бона, Куку Леле и Калиопи, кои придонесоа за уште повесела и поразиграна атмосфера. На штандовите се нуди традиционалната пита пастрмајлија по цена од 250 денари, а годинава се пријавени околу 15 штандови и учесници.
ФОТО – ОПШТИНА ВЕЛЕС
Питијада 2025 денес продолжува со уште повеќе музика, гастрономски уживања и убаво расположение. Во вечерната прогарама присутните ќе ги забавува Кате и Ѓоко Ѓорчев, Пајак, Мики Секуловски, и ѕвездата на вечерта Северина.