Во Велес започнува 2. Меѓународен фестивал на сатирата „Џинот“

Денес и утре, Велес ќе биде центар на духовитоста, критичката мисла и хуморот, со одржувањето на 2. Меѓународен фестивал на сатирата „Џинот“, во организација на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ Велес, а со поддршка од Општина Велес и Локалната библиотека „Гоце Делчев“.

Свеченото отворање на фестивалот ќе се одржи денес во 13:00 часот, во Театарот „Ј.Х.К. Џинот“. Настанот ќе започне со излагање на проф. д-р Елизабета Бандиловска на тема „Џинот – прв македонски афористичар“.  Во продолжение ќе се одржи промоција на изданието „СУМ“, кое содржи афоризми од македонски автори. Промотори на делото се проф. д-р Христо Петрески и проф. м-р Трајче Кацаров, а присутните ќе имаат можност да слушнат читање афоризми од авторите застапени во изданието.

Agria

Вечерната програма ќе започне во 18:30 часот, во Локалната библиотека „Гоце Делчев“. Публиката ќе може да се запознае со „портретите“ на гостите-сатиричари од регионот: Екрем Мациќ од Босна и Херцеговина и Марко Пајиќ од Србија. На истата локација ќе биде промовирана и новата книга афоризми „На кркуш“ од Атанас Крлевски, со промоторка проф. Марија Брндевска. Фестивалската програма продолжува и утре, со настани кои го поврзуваат хуморот со младите генерации и ја слават сатиричната мисла.

Во 12:00 часот, во Локалната библиотека „Гоце Делчев“, ќе се одржи работилницата „Што ме прави среќен?“. На оваа креативна средба ќе учествуваат сатиричари – членови на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“,и ученици од основните училишта во Велес. Работилницата има за цел да ги поттикне младите да размислуваат за среќата преку хумор и сатиричен израз, како и да ги запознае со вредноста на афоризмот како кратка, духовита форма на мислење.

Свеченото затворање на фестивалот е закажано за 18:30 часот, во Ликовниот салон. Во овој дел ќе бидат доделени наградите од распишаниот конкурс, а присутните ќе имаат можност да ги слушнат наградените афоризми.

Завршната вечер ќе биде збогатена со настапи на Лилјана Тричковиќ од Куманово и Ацо Ѓеоргиев од Струмица, кои ќе изведат свои лични хумористични текстови, носејќи ведрина и насмевки на публиката.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: