Според најновите Извештаи од извршените анализи за здравствена безбедност на водата за пиење, Јавната здравствена установа Центар за јавно здравје – Велес алармира за сериозни недостатоци во квалитетот на водата од природните чешми и водоводниот систем во селото Каласлари.
Од извршените испитувања, стручната служба утврдила дека водата од природните чешми, како во градот така и во околните населени места, не ги исполнува стандардите за бактериолошка исправност. Анализите покажале зголемен број на индикатори за фекално загадување, поради што оваа вода не се препорачува за консумација.
Дополнително, водата од водоводната мрежа во Каласлари, иако не е загадена фекално, не ги задоволува законските прописи за безбедност бидејќи не содржи резидуален хлор, што е клучно за нејзина дезинфекција и безбедност. Во таа насока, надлежните најавуваат итна интервенција и дезинфекција на водоводниот систем, по што ќе биде дозволена употреба на оваа вода за пиење.
Граѓаните се повикуваат да не ја користат водата од природните чешми за пиење и да ја следат комуникацијата од надлежните институции за понатамошни информации и препораки.