Како членка на Меѓународниот совет за воени спортови (CISM), АРМ традиционално го одбележува Денот на воените спортови со спектакуларни настани и избор на најдобрите меѓу најдобрите. Оваа година, таа привилегија да биде носител на титулата Спортист на АРМ за 2024 година ја доби велешкиот кајакар Љубомир Спасиќ.
„Овој момент е повеќе од личен триумф, тој е симбол на посветеноста, на тимската поддршка и на духот на Армијата, кој не познава граници. Ова признание е кулминација на години напорна работа, дисциплина и посветеност, не само кон спортот, туку и кон честа, должноста и воените вредности што ги носам од првиот ден во Армијата од 2007 година. Голема благодарност до сите што ме поддржаа низ годините, ова признание е наша заедничка победа“, изјави за Батали.нет Љубомир Спасиќ.
За Спасиќ, оваа награда е уште еден доказ за успешната работа која ја врши во Кајак Кану Клубот Арка-Борец од Велес и како член на македонската кајакарска репрезентација.