Според најновите податоци од Државниот завод за статистика на Македонија, просечната месечна исплатена нето-плата во октомври 2024 година изнесува 42.134 денари (685 евра), додека во Србија за истиот месец просечната плата е 98.538 динари (842 евра), што е за 157 евра повеќе.
Македонија заостанува и во однос на соседните земји, каде работниците заработуваат значително повеќе. Во Босна и Херцеговина просечната плата изнесува 720 евра, во Црна Гора 944 евра, во Хрватска 1.340 евра, а во Словенија 1.514 евра.
Во однос на претходниот месец, Македонија има зголемување на просечната плата, особено во секторите како што се дејности во врска со недвижен имот (7,5%), образование (5%) и градежништво (3,1%). Ова зголемување е резултат на покачувањето на минималната плата и зголемувањата во јавниот сектор, како и одливот на работна сила во странство.
Просечната плата во Македонија во последните десет години пораснала за 94%, од 21.717 денари во 2014 година на 42.134 денари (685 евра) во октомври 2024. Сепак, и со овој раст, Македонија и понатаму е на дното на европската скала по висина на платите. Европскиот просек изнесува 3.155 евра месечно.