Пред складиштето за вакцини во поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, донацијата од 100.000 вакцини денеска ќе ја предаде кинескиот амбасадор Џанг Ѕу на министерите за одбрана Радмила Шекеринска и за здравство Венко Филипче.
Испораката на донацијата е договорена на средбата на Шекеринска со кинескиот министер за одбрана, генералот Веи Фенгхе при неговата посета на државава.
На крајот на минатиот месец во Македонија пристигнаа 200.000 вакцини „Синофарм“ што Владата ги набави од производителот, а најавени се и 500.000 вакцини „Синовак“.
Министерот Венко Филипче рече дека вакцините веднаш ќе бидат распределени по веќе постоечките системи и канали за имунизација.
Инаку вакцини на компанијата „Астра Зенека“ кои пристигнаа вчера, 24 илјади ќе бидат наменети за ревакцинација, а со останатите ќе се вакцинираат оние граѓани над 70 години кои дополнително се пријавиле за вакцинација.