Откупните цени од 7 до 9 денари по килограм грозје за сортата вранец и од 4 до 6,5 денари по килограм за сортата смедеревка кои ги објави росоманската винарија „Мовино“ ги разгневи лозарите од Тиквешијата. Тие сметаат дека ова се понижувачко ниски цени за грозјето, кои ги омаловажуваат лозарите. Од здружението „Напредни лозари“ од Кавадарци ќе бараат државата да го откупи целиот род, поради економската криза, која ја предизвика пандемијата на коронавирус.
„Со вакви цени, оваа реколта, овој род нема да стигне до винариите. Ова е засрамувачко и понижувачко. Нема да дозволиме некој да ни го земе трудот и потта која ја вложуваме туку така. Бараме загарантирана цена по малиган и државата да ја откупи целата реколта, поради економската криза од коронавирусот“, рече Трајче Кулев, претседател на здружението „Напредени лозари“ од Кавадарци.
И градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев е револтиран од откупните цени на „Мовино“. Тој ги нарече неприфатливи и недолични и вели дека со овие цени се потценува целиот труд на лозаропроизводителите, нивното макотрпно работење и нивниот производ. Јанчев вели дека нема да прифати цени пониски од минатогодишните.
„Сакам да изразам огромно разочарување а воедно и револт по објавувањето на една од винариите за овогодинешните откупни цени на грозјето. Апелирам до сите останати винарии овие цени во никој случај да не им бидат пример за нивните ценовници. За мене како градоначалник, а воедно и како лозаропроизводител, цени пониски од минатогодишните не се прифатливи. Економската ситуација е лоша во целиот свет, но тоа во никој случај не треба да се одрази на лозарите“, смета градоначалникот Јанчев.
На иницијатива на Јанчев, но и на лозарите, за утре во Кавадарци е закажана средба на министерот за земјоделство Трајан Димковски и дел од кавадаречките пратеници, на која ќе се разговара за годинешниот откуп на грозјето и цените по кои тоа ќе се откупува.
Можеби ќе ве интересира: