Не прифаќаме наметнувања под маска на европскиот процес, изјави премиерот Христијан Мицкоски, на заедничката прес – конференција со еврокомесарката за проширување, Марта Кос, по лидерскиот самит на Европската Унија и Западен Балкан посветен на Планот за раст што се одржува во Скопје.
За нас, додаде тој, овој план не е формалност. Според Мицкоски, тоа е алатка преку која ќе ја трансформираме земјата, ќе ги модернизираме јавните услуги, унапредиме образованието, ќе инвестираме во енергетска и дигитална инфраструктура и ќе ја направиме татковината вистински европски дома – пред да стане формално дел од ЕУ.
Но, исто така, додаде Мицкоски, сакам да бидам јасен дека нашите чекори по европскиот пат се со отворено срце и разум. Со прифаќање на европските вредности.
„Меѓутоа се противиме на уцените кои не се дел од тие вредности. Не прифаќаме наметнувања под маска на европскиот процес. Европа е дом на правото, на правдата, на достоинството. Тоа се вредностите што ги прифаќаме – сè друго е туѓо за Европската Унија, и туѓо за нас“, рече премиерот.