Според последните неофицијални резултати на Државната изборна комисија, од преработени 3.421 од вкупно 3.480 избирачки места, коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ освои 46 пратенички места, а ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата 44.
Партијата на Али Ахмети освои 15 пратенички места, а коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива – 12. Левица на Димитар Апасиев освои две пратенички места и ДПА едно место во Парламентот.
Зоран Заев лидерот на СДСМ доцна синоќа прогласи победа на парламентарните избори, кажа дека народот избрал иднина и напредок, наместо обнова на режимот, и најави дека следува правда во државата.
„Економија и правда, тоа го бараат граѓаните од нас, тоа ќе го испорачаме“, кажа Заев во своето обраќање пред новинарите.
Христијан Мицкоски претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вчера не се обрати на јавноста. Наместо тој, на прес конференција излезе генералниот секретар на партијата Игор Јанушев кој кажа дека резултатите биле тесни и ќе почекаат да се пребројат гласовите на сите избирачки места пред да кажат колку пратеници освоиле.
Можеби ќе ве интересира: