МВР информира дека во тек е огласот за прием на 150 нови полициски службеници. За кандидатите кои ќе бидат избрани, ги очекува едногодишен интензивен процес на образование, тренинг и обука.
Според јавниот оглас, кандидатите треба да ги исполнуваат следните општи услови:
– да е државјанин на Република Северна Македонија;
– да е полнолетен, а да не наполнил 25 години живот ако за првпат заснова работен однос на работно место во Министерството за кое е предвидено средно образование;
– активно да го користи македонскиот јазик и неговото кирилско писмо;
– со безбедносна проверка да е утврдено дека не постои безбедносен ризик од вработување на кандидатот;
– да има завршено најмалку четиригодишно средно образование;
– да е здравствено и психофизички способен;
– со правосилна пресуда да не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност;
– да не е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија и
– да има положено тест за интегритет.
Кандидатите треба да ги исполнуваат следните посебни услови:
– потребна телесна висина од најмалку 170 см. (маж), односно 160 см. (жена)
– висока лична физичка подготвеност.
Заинтересираните кандидати задолжително да достават докази за исполнување на потребните услови за работното место, во оригинал или копија заверена на нотар и тоа:
– извод од матична книга на родените,
– диплома за завршено четиригодишно средно образование и
– две фотографии, со димензии 3,5 см х 4,5 см.
-Кон пријавата, кандидатот задолжително доставува своерачно потпишана изјава со која потврдува дека истиот не е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија, наведуваат меѓу другото од МВР.