Над 20.000 волонтери се вклучуваат во голема акција за чистење на Македонија

На 9, 10 и 11 мај, по петти пат ќе се случи најголемата годишна национална акција за собирање отпад – ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД (волонтерска акција од граѓаните за граѓаните), создадена од Мен енд Маунтен. Акцијата е поддржана и од ЗЕЛС, Црвен крст и Министерство за животна средина.

Над 20.000 волонтери ќе ја чистат нашата татковина на повеќе од 500 локации во сите општини низ земјава, вклучувајќи над 600 организации, институции и компании, еколошки, граѓански, спортски здруженија, пензионерски организации, јавни институции, локални и урбани заедници, градинки, училишта, факултети, волонтери и национални паркови.

Agria

Официјалното отворање на тридневна национална акција за чистење отпад – ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД ќе се случи на 9 мај на Скопскиот Аквадукт со почеток во 9 часот. Повеќе од 200 волонтери ќе ја исчистат околината на овој исклучително важен историски споменик.

Со поддршка на Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ, за првпат, ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД ќе биде вклучена и во едукативниот проект „Еко час“.

Учениците од сите училишта ширум земјава ќе добијат за домашна задача на 9 мај заедно со наставниците и професорите да ги исчистат училиштата, на 10 мај учениците заедно со нивните семејства ќе ги чистат домовите и просторот околу нивните живеалишта, а на 11 мај учениците заедно со семејствата ќе ги чистат парковите и пикник местата во нивното опкружување. Нивна задача е да го фото-документираат чистењето и на првиот школски час да ги презентираат резултатите.

Врз основа на меморандумот во траење од 10 години, кој Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Национални шуми го склучија со Мен енд Маунтен, секоја година по завршувањето на еко акција ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД, во ноември се случува вториот дел од акцијата наречена СОНЧЕВА ГОРА, што подразбира пошумување на државно земјиште.

На секои 10 килограми собран отпад се посветува по едно дрво од годишните планови за пошумување. Во рамките на овие пошумувања во изминативе години беа засадени над 120.000 садници на различни локации: околу езерото Младост во Велес, селото Ќојлија во општина Петровец, во близина на мегалитската опсерваторија Кокино и во општина Старо Нагоричане.

Во изминативе четири години беа собрани 1 милион килограми отпад за време на ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД, досега земаа учество над 44.000 волонтери, исчистени беа повеќе од 1000 локации и беа засадени над 120.000 дрвја.

Овој единствен масовен еколошки настан, не само во земјава, туку и на целиот Западен Балкан, испраќа моќна и алармантна порака дека загадувањето стана најголемиот непријател за граѓаните. Идејата на ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД е да се покрене еко свеста помеѓу граѓаните и со здружени сили да се степенува важноста за позитивни промени кон почиста животна средина.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: