Надлежните смируваат, велат дека сите деца ќе бидат згрижени

gradinka-1

Во пресрет на најавениот штрајк на вработените во градинките, закажан за в понеделник, надлежните смируваат дека процесот на згрижување на претшколските деца нема да биде нарушен. И власта и надлежните во општините и градинките се децидни дека сите деца ќе бидат згрижени.

Zito akcija 640x289px

Министерството за труд и социјална политика информира дека сите предучилишни установи во деновите на најавениот штрајк, ќе згрижуваат и воспитуваат деца, како и до сега. Правото на штрајк, велат од МТСП, е право на работниците кое е загарантирано согласно со Уставот, но при неговото остварување вработените се должни да обезбедат минимум непречено извршување на функциите на установите и неопходно ниво на остварување на правата и интересите на граѓаните. Притоа, треба да биде обезбедено непречено згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст.

Agria

Притоа, од Министерството се повикуваат на Конвенцијата за правата на детето, одредбите во Уставот и Законот за заштита на децата и нагласуваат дека неприкосновено право на децата е да им биде пружено згрижување и воспитание во предучилишни установи како облик на заштита на децата.

– Согласно Законот за заштита на децата, во преучилишните установи за деца, вршењето на дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст не смее да се прекинува освен за вонредни состојби (природни непогоди, епидемии и друго), за што решава основачот, а по претходна согласност од Министерството за труд и социјална политика, но не и за време на штрајк, појаснуваат од МТСП.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска се надева дека ќе има договор помеѓу Владата и СОНК со цел згрижувањето на децата да може да се одвива непречено. Но, вели, и доколу не биде постигнат договор и вработените штрајкуваат, директорите на градинките мора да најдат начин да ги згрижат децата кои ќе дојдат. 

– Согласно Законот за детска заштита градинките мора да ги згрижат дечињата кои што се дојдени овде. Општината е должна, директорите на детска градинка треба да се обратат до општините, сите оние кои што ќе штрајкуваат да бидат заменети со кадар така што градинката мора да работи. Легитимно право е да се штрајкува, меѓутоа и по закон и по Устав е дечињата да бидат згрижени, вели министерката за труд и социјална политика.

Александра Јелиќ, директорка на градинката Срничка, која има неколку клонови во населбата Аеродром вели дека градинките ќе работат и ќе ги згрижуваат децата, а за нив ќе се грижат вработените кои се изјасниле дека нема да се приклучат кон штрајкот.

– Ние немаме заменски воспитувачи и негуватели. Дел од вработените се изјаснија дека ќе штрајкуваат, а дел дека нема да се приклучат на штрајкот. Тие што нема да штрајкуваат ќе ги примат и ќе ги згрижат децата, вели директорката Јелиќ за МИА.

Таа додава дека во понеделник ќе се види како ќе се одвива штрајкот и згрижувањето на децата и ако има потреба ќе се преземат дополнителни мерки.Од општина Аеродром  велат дека ќе постапат во согласност со законските правила и прописи и во деновите на штрајкот градинките ќе се организираат и ќе згрижуваат дечиња.

– Ниту едно дете нема да биде вратено назад. Исто така, во согласност со законските правила и прописи, вработените кои штрајкуваат при остварувањето на правото на штрајк се должни да обезбедат минимум непречено извршување на функцијата на установата и неопходното ниво на остварување на правата и интересите на граѓаните, односно треба да обезбедат непречено згрижување и воспитување на децата од предучилишна возраст, нагласуваат од Општина Аеродром.

Освен вработените во градинките, во понеделник ќе штрајкуваат и вработените во образованието, откако не беше постигнат договор меѓу Самостојниот синдикат за образование, наука и култура и власта за зголемување на платите.

Последна средба на СОНК и претставници на Владата се одржа на 4 април. По средбата претседателот на СОНК Јаким Неделков рече дека нема краткорочно решение со кое сега веднаш ќе се зголемат платите на дејностите што ги застапуваме за 18,4 проценти.

– За жал никаков процент, никакви бројки не беа изнесени на маса и морам да кажам дека излегуваме разочарани што нема што да пренесеме во јавноста и до членството. Очигледно, несериозно се сфаќа дека ќе има генерален штрајк на 11 април, кој може да има многу сериозни последици за сите, изјави Неделков по средбата.

Тој посочи дека не се согласуваат со оценките дека ќе бидат предизвикани сериозни последици по Буџетот и дека е можно да има инфлација доколку се зголемат платите на вработените колку што бара СОНК.

Членството од регионите на Синдикатот се изјасни за генерален штрајк доколку не се исполнат нивните барања. СОНК бара усогласување на платите во образованието со минималната плата, која од овој месец се зголемува од 15.200 на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.

СОНК бара корекции на платите и за вработените во градинките, како и усогласување со минималната плата во високото образование и за вработените во ученичките и студентските домови.

Можеби ќе ве интересира:

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: