Ниту еден новозаразен велешанец со коронавирус не е регистриран во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје. Регистрирани се тројца оздравени, од кој еден не бил ниту хоспитализиран.
Сите вработени во детската градинка “Димче Мирчев” се негативни на тестирањето, соопшти градоначалникот на Велес Аце Коцевски.
Досега во Велес се регистрирани 127 заразени, од кои 70 оздравеле, а активни се 49 случаи. Од нив, 25 се на домашно лекување, 16 се лекуваат на инфективното одделение на велешката болница, а осуммина се хоспитализирани на Инфективната клиника во Скопје. Регистрирани се и осум починати граѓани.
“Директорот на велешката болница го информираше Штабот дека е регистриран зголемен број на барања за боледување од страна на медицинските работници од јавното здравје. Предупредени се сите матични лекари да внимаваат при издавањето на боледувањата”, рече градоначалникот Коцевски.
Тој упати порака до граѓаните дека воопшто не треба да се опуштаат и да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот, да носат заштитна опрема и да користат средства за дезинфекција.
“Имам впечаток дека недоволно се санкционираат недисциплинираните граѓани”, рече Коцевски.
Тој апелираше до граѓаните кои ги слават претстојните празници, да внимаваат и да ги почитуваат мерките, бидејќи, како што рече, последните високи бројки на новозаразени се должи на литијата во Струга.