Од денеска стапува на сила обврската за задолжително поседување на пропишана зимска опрема во моторните возила и мобилните машини. Доколку не се почитуваат правилата за користење и носење зимска опрема во возилата, кои се предвидени во Законот за безбедност на патниот сообраќај, согласно истиот, на секој возач кој постапува спротивно на одредбите ќе му биде издаден платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противредност.
Според законските одредби и Правилникот задолжителна зимска опрема, моторните возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 килограми треба да поседуваат зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарата од 4мм или доколку возилото поседува летни пневматици со минимална длабочина на шарата од 4мм да поседува синџири за снег кои одговараат на големината на погонските тркала.
За возилата со 4×4 погон зимските пневматици мора да бидат со длабочина на шарата од 6 mm, а иста е одредбата и за товарните возила и автобусите, кај кои доколку заради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и лопата. Законски, како зимски пневматици се сметаат оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака MS, M+S, M&S и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва, додека пневматици со клинци се забранети.