Процесот за снабдување со поевтина електрична енергија за клучните субјекти по одлуката на Владата тече непречено и без никаков застој, и сите пријавени кои исполнуваат услови ќе добијат електрична енергија од ЕСМ Продажба од 1 декември, информираат од таму.
„ЕСМ Продажба“ ги отфрла неоснованите изјави од страна на одредени претставници од стопански асоцијации во кои без аргументи и надвор од вистината се критикува процесот и се изнесуваат паушални оценки дека истиот е запрен, како и критики за службите кои истиот го спроведуваат.
„Сите лица кои се заинтересирани ги повикуваме да се обратат до „ЕСМ Продажба“ за информација како тече процесот и постапката, пред да даваат јавни изјави.
Исто така, апелираме на одговорност кај медиумите, односно согласно правилата за известување, да побараат податок и од ЕСМ Продажба, пред да пренесуваат во јавноста критички ставови на лица кои не поседуваат податоци за вистинската состојба.
Субвенционираното снабдување со електрична енергија за училиштата, прехранбената индустрија и водостопанствата е ново задолжение дадено на АД ЕСМ од страна на Владата. При секое ново задолжение кое не било дел од тековното работење на Друштвото, потребно е време за воспоставување на системот и процедурите за негово спроведување, набавка и инсталирање на софтвер, обезбедување соодветни ресурси за физичко и правно процесирање на договорите и комуникација со субјектите кои се од цела држава и од различни категории на дејност“, се вели во соопштението.
Во интерес на вистината, информираат, ЕВН Електродистрибуција континуирано ги обработува пријавените броила и за истото го известува ЕСМ Продажба, по што директно се контактираат правните субјекти и се информираат дека договорот за снабдување од 1.12.2022г им е важечки и дека ќе им биде испратен заверен од страна на снабдувачот.
„Од 1820 броила за сите пријавени субјекти, Дистрибуција во рок од три дена, до овој момент, верификува снабдување за повеќе од 1000 броила и процесот на проверка на останатите продолжува.
Субјектите кои имаа пријави со некомплетна документација се упатени од страна на „ЕСМ Продажба“ да ги добават документите кои недостигаат, со точни инструкции и понудена асистенција. Утврдени се само околу 20 такви случаи, кои по извршено комплетирање на документите ќе бидат вклучени на поевтино снабдување од 1.1.2023 година“, се додава во информацијата.
Можеби ќе ве интересира: