Македонскиот амбасадор во Украина, уште еден дипломат во Киев заедно со уште двајца други наши граѓани се во скривница, соопшти министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Тој рече дека МНР е во постојан контакт со нив и се обидува да ги евакуира.
„Амбасадорот и дипломатот и двајца други граѓани кои се во амбасадата поголемиот дел од денот го поминуваат во скривница отколку во Амбасадата. Не може ни да одат во нивните резиденции туку остануваат и преспале во Амбасадата. Се обидуваме да ги евакуираме. Јас имав неколку контакти со колеги и министри од регионот, има околу 20-ина амбасадори на ЕУ во Киев кои исто така не може да излезат. Правиме аранжмани, доколку која било од овие земји што имаат амбасади таму обезбеди прв транспорт, да можеме и нашите дипломати да ги извадиме до Полска“, изјави Османи.
Во источниот дел на Украина заглавено е и семејство со едногодишно дете, а има и граѓани кои се во Одеса за кои МНР контактирало со Бугарија која има таму конзулат со цел заедно со бугарските да ги евакуираат и македонските граѓани.
Можеби ќе ве интересира: