Сопственикот на градежната фирма „Реал градба“, Тасе Илиевски (61), и неговиот вработен Марјан Ангелов (58) добија по пет години затвор за пожарот што избувна кај езерото „Младост“ во Велес во август 2019 година. Основниот суд Велес ги прогласи за виновни за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, а казната е изречена и за самата фирма – парична казна во висина од 300.000 денари.
Судот утврди дека Илиевски и Ангелов делото го сториле со умисла, при што не постапиле според пропишаните безбедносни стандарди додека извршувале брусење на терен во близина на езерото. Искрите што настанале ја запалиле сувата трева, а огнот се проширил и предизвикал масовен шумски пожар.
Пожарот избувна на 26 август 2019 година и се прошири во неколку насоки – го зафати дел од шумата кај населбата Отовица, уништи приватни имоти и објекти на брегот на езерото и стигна до пределот кон село Новачани.
Штетата е огромна – вкупно проценета на над 27 милиони денари. Најголемиот дел, речиси 25 милиони денари, е штета на ЈП „Македонски шуми“ – ШС „Бабуна“, поради изгорени 4.765 кубни метри дрвна маса. Останатата штета, во вредност од повеќе од 2 милиони денари, е на приватни имоти и објекти.
Сопствениците на оштетените имоти се упатени да поднесат граѓански тужби за надомест на штетата. Фирмата „Реал градба“ доби рок од 30 дена за плаќање на казната. Одбраната на осудените најави жалба на пресудата.