Македонскиот ракомет е завиен во црно. Ненадејно во текот на ноќта почина поранешниот ракометен репрезентативец на Македонија и актуелен тренер на РК Тинекс Пролет, Александар Јовиќ.
Јовиќ е роден во Бјелина во Босна и Херцеговина, а богатата ракометна кариера како десно крило ја започнува во Борец, со кого ја освојува и титулата ракометен шампион на Македонија. Беше познат по своите луцидни удари од крило за што и беше миленик на велешката публика.
Покрај Борец има настапувано и за Јафа Промет, Металург, Вардар и Пелистер и со сите го има освоено првенството на Македонија, како и за Бродомеркур Сплит и Загреб во Хрватска. За македонската репрезентација играше на Европското првенство во Италија 1998година и Светското првенство во 1999 година кое се одржуваше во Египет.
Тренерската кариеразапочнува како асистент на Лино Червар во Металург, а прв самостоен предизвик му беше Металург 2, а потоа го водеше првиот тим од Автокоманда. Го водеше тимот на Еурофарм Пелистер 2, потоа го превзема првиот тим на Пелистер со кого ја освои титулата после 18 години. Последен тренерски ангажман му беше во Тинекс Пролет.