На 28 јуни 2025 година, околу 19:30 часот, четири лица беа спасени од Охридското Езеро откако нивната едрилица претрпе оштетување и стана неконтролирана поради силен ветер и бранови. Во Полициската станица за граничен надзор пристигна пријава за итна помош од пловен објект на околу 2,5 километри од брегот спроти авто-кампот „Извиднички“.
Полициски службеници веднаш излегоа на терен со службен глисер и го лоцираа пловниот објект во неволја. Четирите лица беа безбедно пренесени до станицата кај каналот „Студенчишта“.
Причина за инцидентот било скршениот крмен лист на едрилицата, што резултираше со губење на контролата над пловниот објект, предизвикано од неповолните временски услови. Оштетената едрилица беше извадена од водата.