Министерството за здравство извести дека ќе го поништи тендерот за набавка на респираторни машини бидејќи не можат да се достават по итна постапка. Министерот Филипче кажа дека сега ќе даде предлог на Владата да ја спроведе постапката, но напомена дека земјава има доволен број респиратори засега.
На редовната прес конференција, Министерот за здравство Венко Филипче, ја повтори информацијата дека во текот на ноќта се потврдени уште девет нови случаи, и оти вкупната бројка до 12 часот во нашата земја изнесува 85. Според местото на живеење регистрирани се случаи во шест градови: Скопје, Дебар, Гостивар, Кавадарци, Штип и Охрид.
Филипче кажа дека на денешниот редовен состанок на Комисијата на заразни болести, предложени се нови дополнителни мерки кои попладневно ќе се разгледуваат на седница на Владата.