Комитетот за светско наследство на УНЕСКО ја поштеди Македонија од впишување на Охридскиот регион на Листата на светско наследство во опасност, оставајќи уште една година за подобрување на состојбите. Одлуката, донесена во Париз, предизвика силни реакции – од официјални честитки до критики од граѓанскиот сектор, кој обвини за „наградено непочитување на Конвенцијата за светско наследство“.
Во заедничка изјава, 40 организации од Македонија, Албанија и други европски земји ја оценија одлуката како поткопување на кредибилитетот на УНЕСКО. „По 22 години предупредувања и три алармантни мисии, Комитетот повторно ги игнорираше експертските препораки и одлучи да го награди игнорирањето на Конвенцијата“, се вели во реакцијата. Тие бараат итно стопирање на сите тековни и планирани деструктивни проекти, посочувајќи дека досегашните „грејс-периоди“ само довеле до нови нарушувања на регионот.
Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски ја поздрави одлуката, нарекувајќи ја „дипломатски успех“ и обвини дека проблемот потекнува од времето на претходната влада. Тој изјави дека извештајот на УНЕСКО се однесува на периодот од 2017 до март 2024 година и дека сегашната влада започнала со сериозни чекори за имплементирање на препораките.
„Со една координирана интер-секторска дипломатска активност успеавме да добиеме дополнителен период и да почнеме со имплементирање на тие препораки. За таа цел, Министерството за транспорт распиша оглас и ќе ангажираме фирма која што овие дивоградби, посебно во Охрид, а посебно оние дивоградби кои што имаат одобрение за реконструкција, а прераснуваат во станбени објекти, ќе бидат срушени, и со тоа ќе ги извадиме на површина лицата кои што ги злоупотребуваат. А не треба на јавноста, и на вас, да ви кажувам кој е главниот протагонист во таа злоупотреба, посебно во Охридско-струшкиот регион“, дециден е Мицкоски.
И покрај јазот во ставовите, сите страни се согласни околу едно – зачувувањето на Охрид и неговото природно и културно богатство мора да биде приоритет. Но, како што предупредуваат невладините организации, времето што следи ќе биде клучно – дали оваа шанса навистина ќе биде искористена или ќе претставува уште една пропуштена можност.
„Ужаснати сме од одлуката, но ќе продолжиме да се бориме за зачувување на Охридскиот регион“, велат организациите – 17 од Македонија, 13 од Албанија, една европска мрежа од 15 организации и девет организации од Хрватска, Србија, Бугарија, Австрија и Обединетото Кралство.