Православните христијански верници во Македонија утре го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик. Овој празник ја носи радоста на Христовото раѓање и се одбележува со традиционални обичаи кои се почитуваат со особена почит и внимание.
Бадник е последниот ден од божиќниот пост, а името го добил по дабовото гранче – бадник, кое се сече на тој ден, се внесува дома и се пали. Велат Бадник значи Будник и затоа треба таа ноќ да се остане буден за да се дочека раѓањето на Спасителот.
Иако славењето на празникот се разликува од регион до регион, сепак во Североисточниот регион постојат заеднички елементи врзани за прославувањето на Бадник – бадниковите гранчиња, коледарските песни богатата славска трпеза, лепчето со паричка, бадниковите огнови, поврзани со обичаи за плодноста, вегетацијата, здравјето и среќата на семејството.