Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска соопшти дека исплатата на унгарскиот заем од половина милијарда евра за кој договорот денеска во Будимпешта го потпиша министерката за финансии Гордана Кочоска Димитриеска ќе биде на 9 или 10 јануари, како што рече, за да се раздолжиме на 25 јануари.
„Еве имаме милијарда, ја ветивме милијардата. Ги земаме овие 500 милиони за да се раздолжиме во јануари. Се бориме и ова е борба. И во оваа борба, не велам дека нема да помине туку така без да добиеме некаква лузна, ќе има“, рече Мицкоски, на новинарско прашање за заемот од Унгарија од каде претходно обезбедивме исто така 500 милиони евра.
Заштедивме, потенцира Мицкоски, најмалку 200 милиони, ако издадевме еврообврзница со каматна стапка сигурно ќе беше над шест проценти.
Премиерот исто така нагласи дека во скоро време се очекуваат најмалку три инфраструктурни проекти за кои многу скоро од денеска јавноста ќе биде информирана.
„Многу добра работа што никој не ја примети, а поминува деновиве е што конечно се одблокираа две големи инвестии во делот на енергетиката и зелената енергија – Сончевиот парк во Битола и Ветерниот парк Богданци 2, тоа што не е направено седум години“, рече Мицкоски.
За Ветерниот парк Богданци рече дека бил онака како што го оставиле како раководство од тогашното ЕЛЕМ.
„И сега повторно поминаа овие закони во Парламент. Стотина милиони евра е тоа зелена енергија. Знаете дека од 1.1. 2026 година сите оние што ќе извезуваат во Европската унија ќе мора да имаат потекло на електричната енергија што ја користат да е зелена, ако не е ќе плаќаат даноци. И тоа не обврзува Планот за раст. Затоа е многу важно ова што го правиме. На дневна основа одблокираме процеси“, изјави премиерот Мицкоски, кој денеска беше на одбележување на Денот на турската настава во Министерството за политички систем.