Косовскиот премиер го разреши министерот за внатрешни работи поради несогласувањата околу тоа дали земјата треба да прогласи вонредна состојба за да спречи ширење на коронавирус, а овој потег би можел да ја собори владата помалку од два месеци по нејзиното формирање.
Во вторникот вечерта, претседателот Хашим Тачи му предложи на парламентот да прогласи вонредна состојба.
Премиерот Албин Курти рече дека не е потребна таква драстична мерка. Министерот за внатрешни работи Агим Велиу јавно се спротивстави на премиерот и рече дека неговата партија ќе го поддржи предлогот на претседателот.
„Во овие околности, јас имам должност да постапувам и решив да го отпуштам министерот за внатрешни работи Велиу“, рече Курти во изјавата за медиумите.
Косово има 19 заболени со коронавирусот. Повеќето случаи се поврзани со Италија, европска земја која е најтешко погодена од пандемијата.
Косово веќе ги затвори своите граници и ги прекина летовите. Ги затвори сите училишта, ресторани и кафулиња. Само супермаркети и аптеки се отворени.